Двонасочниот Македонско-албански и Албанско-македонски Речник се подготви по покренатата многу мудра и ценета иницијатива на Нансен Дијалог Центар – Скопје и Канцеларијата на високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ. Овој Речник, кој содржи избран број лексеми, е грижливо направен првично да им послужи на најмладите, односно на учениците од основните училишта во Република Македонија, во кои се изведува настава по македонски јазик (во основните училишта со албански наставен јазик) и настава по албански јазик, како изборен предмет (во основните училишта со македонски наставен јазик). Но, сепак, Речникот е изготвен со цел да го олесни стекнувањето на албанскиот и /или македонскиот како немајчин или странски јазик и за поширок број корисници.

Екипата-автори на проектот се нафати да одговори на еден ваков предизвик, да состави двонасочен речник, кој ќе опфати лексички фонд од 4 500 лексеми по паралела, односно до 9000 во двете паралели, од учебниците по македонски јазик од четврто до деветто оделение во основните училишта со албански наставен јазик, односно лексика опфатена од учебниците по албански јазик од петто до деветто одделение во основните училишта со македонски наставен јазик. Освен Речникот се изготви и по една кратка граматика за двата јазика. Ваквите барања од страна на организаторите претставуваа предизвик за авторите на речников. Имено, проблемот се состоеше во тоа како да се надмине:

а) големата разлика во претходните предзнаења на двата јазика кај учениците, односно, нееднаквата јазична подготвеност на двете групи ученици, затоа што вториот јазик, македонскиот, учениците Албанци го учеа и сè уште го учат, како обврзувачки уште од четврто одделение, па потоа низ целиот образовен систем, додека другата група ученици, Македонци, почнува да го учи албанскиот јазик како изборен предмет од пред неколку години;

б) кое множество зборови да се опфати од учебниците (програмски издадени од Министерството за образование и наука) во двата паралелни јазика во Речникот, а тоа да биде прифатливо и за учениците од четврто до деветто одделение во училиштата со албански наставен јазик, односно за учениците од петто до деветто одделение во училиштата со македонски наставен јазик? Како да се усогласи изборот со програмските определби во различните одделенија? Може ли овој Речник да опфати лексички корпус што би бил соодветен и за идните изданија на овие или на други учебници, што е очекувана промена во процесот на подновувањата на наставните програми и како да се избере вистинското множество лексеми? Овој проблем го надминавме и го решивме со добро одмерување на лексичката развојност на целната група млади луѓе од десетгодишна до петнаесетгодишна возраст;

в) и на крај, најтешкиот проблем, како да се напишат двата граматички дела на двата јазика при маса програмски определби (6 програми за учениците Албанци, односно 5 програми за учениците Македонци). Како да се состават овие граматики, а да бидат погодни за сите ученици од сите одделенија, кога се знае дека секое посебно одделение има посебна програма по граматика, интерполирана во учебникот. Се решивме да го избереме приодот на обработка на граматичкиот материјал со елементи на метод на концентрични кругови со програма од некое погорно одделение. Го избравме овој начин на обработка, онолку колку можеше тоа да се примени во вакви случаи.

Поделбата на обврските беше следнава: Хаки Имери и Петар Атанасов го изработија македонско-албанскиот дел, а Бертон Сулејмани и Веселинка Лаброска го изработија албанско-македонскиот дел. Албанската кратка граматика е дело на Бертон Сулејмани, а македонската кратка граматика ја изработи Веселинка Лаброска.

Со вакви предуслови, мислиме дека овие проблеми ги пребродивме на најдобар можен начин и придонесовме за полесно и попрактично изведување на наставата по македонски јазик во основните училишта со албански наставен јазик, односно на албанскиот јазик  (како изборен предмет) во основните училишта со македонски наставен јазик. На мислење сме дека сето ова ќе го разбуди, без сомнение, интересот за проучување на интерлексичката врска меѓу двата јазика кај младото поколение како повеќедимензионална вредност во опстојувањето на ова балканско поднебје.

Авторите