Почитувани корисници, драги ученици!

Пред вас е прв двонасочен Македонско-албански и Албанско-македонски Речник со кратки граматики за двата јазика. Желбата на авторите е да биде разбирлив и корисен за сите ученици кои го изучуваат македонскиот односно албанскиот јазик како немајчин, но и за поширок круг корисници.

Ако секој научен јазик е богатство, богатството е уште поголемо ако се научи јазикот на соседот, на другарчето од училиште со кое се делат секојдневните мали и големи нешта, а се делат најдобро ако има меѓусебно разбирање, ако зборовите се јасни и разбирливи и на својот и на неговиот јазик.

Основен извор за утврдување на зборовите кои се застапени во овој речник се учебниците за основно образование, пред сè учебниците за македонски јазик како немајчин, и учебниците за албански јазик како немајчин: „Македонски јазик за учениците од другите заедници“ за 4 одделение од Лидија Заборска; „Македонски јазик за учениците од другите заедници“ за 4 одд. од Бојко Киранџиски;  „Македонски јазик за четврто одделение за учениците од другите заедници“ од авторите Билјана Кртолица, Виолета Митовска и Весна Гавриловска-Аврамовска; „Македонски јазик за учениците од другите заедници“ за петто одделение од Лидија Заборска, Сервете Фида и Катерина Спасовска; „Македонски јазик за учениците од другите заедници“ за 6 одд. од Зора Андоновска и Сузана Кулеска; „Македонски јазик за паралелките со настава на албански и турски јазик“ за 7 одд. од Нада Николовска, Лилјана Ефтимова и Анастасија Стојановска; „Македонски јазик за учениците од другите заедници“за 8 одд. од Нада Николовска и Милица Петрушевска; „Македонски јазик за учениците од другите заедници“ за 8 одд. од Косара Гочкова; Македонски јазик за учениците од другите заедници“ за 9 одд. од Бојко Киранџиски, Војо Велјановски и Раско Лозановски и учебниците за албански јазик: Gjuhë shqipe për kl. V, од браќата Аслан и Исмаил Хамити; Gjuhë shqipe për kl. VIII од Џемалудин Идризи и учебникот “Të mësojmë shqip” од Мустафа Ибрахими.

Во Речников се дадени и одреден број историцизми, архаизми, дијалектизми,  поетски поими и зборови од разговорниот стил, кои се битни за совладување на наставните содржини не само по предметот немајчин јазик, туку и по другите наставни предмети. Така, со по околу 4500 заглавни зборови за секоја од страните на речников, се опфаќа основниот суштински фонд зборови за дадениот јазик.

Во речникот се обработени и еден помал број интернационални зборови и стручни термини. Повеќето интернационални зборови кои се со иста фонетска форма и со исто значење во двата јазика најчесто не ги зедовме предвид за да не се оптовари речникот. Зборовите кои изразуваат посебна стилска или фигуративна обоеност, како што се пејоративните, аугментативните, деминутивните и хипокористичните форми што се типични за македонскиот и за албанскиот јазик се посебно истакнати. Во продолжение на предговорот следи сликовито упатство за начинот на користење на Речникот како и список на кратенки користени во двата дела од Речникот. На крајот, би сакале да истакнеме дека авторите и нарачателите се отворени за сугестии со кои би се допринесло за негово подобрување.